Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, по добиената акредитација, во постапка е за добивање на Решение за исполнетост на услови за отпочнување со работа на докторските студии по „ДЕЛОВНА ЕКОНОМИЈА‘‘ како III циклус на образование, по начелата на Болоњскиот процес, односно како највисок степен на формално образование кој се темели на истражувачка компонента (180 ЕКТС).
Докторските студии по „ДЕЛОВНА ЕКОНОМИЈА‘‘ би се изведувале во рамките на четирите насоки, и тоа: Финансии, Маркетинг, Туризам и Менаџмент.
Со отпочнување на докторските студии:
- се овозможува нов облик на последипломско образование кој представува завршување на вертикалата во образованието од научното подрачје на општествените науки;
- се овозможува посетителите на студиите да се стекнат со највисоки компетенции за самостојна научно-истражувачка работа–водење на фундаментални и применети истражувања на високо ниво, во согласност со меѓународните научно-истражувачки стандарди;
- ќе се осигура теориска и методолошка настава и менторство, со кое посетителите на студиите ќе се упатат во современите научни достигнувања;
- ќе представува извор на квалитетни и модерни универзитетски наставници, подготвени да одговорат на потребите на се повисоките стандарди на образованието;
- ќе се стимулира создавање на стратешко партнерство на Универзитетот и стопанството;
- со вклучување на part-time докторанти на докторските студииќе се создаде мошне квалитетна основа за постапно организирање на истражувачки и развојни единици во стопанството;
- ќе се овозможи посетителите на докторските студии своите крајни резултати од научно-истражувачката работа да ги презентираат во рамки на својата докторска дисертација, која ќе се изработи на највисоко академско ниво–а како такви докторските дисертации ќе представуваат оргинален придонес за науката, врз основа на што ќе се проценува знаењето, вештините и компетенциите на докторантите за спроведување на идните самостојни изворни и за науката важни научни и стручни истражувања.
Со завршување на тригодишни докторски студии, се стекнува академски степен доктор на науки ( др. сц.) –еквивалент Пх.Д — Ph.D. со наведување на научното подрачје, поле и област.
Докторското образование е значајно за развој на академската кариера на секој поединец и како такво одговара на се поголемите развојни барања на пазарот на трудот, на кој му се потребни стручњаци, кои ќе придонесат за создавање на нови знаења, нови производи и услуги или нови научни и стручни методи. На докторските студии, покрај истражувачката компонента, посетителите на студиите ќе развиваат и вештини кои се потребни за широк опсег на работи, неопходни за новите предизвици на општеството и стопанството, односно за нови предизвици во развојот на личните научни и стручни компетенции.
Скопје, 01.02.2015.
Ректор:
Проф. д-р. сц. Аце Миленковски